
Оваа година охридската чалгиска група “Чардак” ќе го одбележи своето постоење од 20 години на македонската музичка сцена. Сето тоа ќе биде реализирано преку еден хуманитарен концерт во соработка со ИН продукција, а како што најави Златко од оваа група во тек се подготовките за овој концерт.
-Предвидено е да биде еден голем хепенинг по повод 20 години од постоењето на групата “Чардак” и едноставно да се направи нешто во Охрид, бидејчи на таков план од културна гледна точка во Охрид не се случува ништо, немаме ни кино ни театар па затоа мислам дека тие работи се добредојдени. Замисла е концертот да биде со симболични влезници , а средствата од влезниците да бидат наменети за помош на некој што му е потребна, наменски. Ќе го искористиме времето да ги спремиме песните, а проектот ќе оди исто како првиот наш проект со Ин продукција, истакнува Златко.
На концертот свое учевство ќе имаат и блиски музички соработници на групата “Чардак”, како и гости.
-Со тоа веќе ќе направиме нов проект со нови песни, досега не слушнати , не снимени песни, мислам што не биле добро прифатени на почетокот, па да пробаме повторно да ги оживееме. Можам да се пофалам дека првиот наш проект што го имавме беше право откровение, доста песни се повторно на сцената. Самите охриѓани знаат дека се повторно прифатени, особено неколку песни што тоа не е мала работа, додава Златко.
Јубилејниот концерт на групата “Чардак” ќе се одржи во месец мај оваа година.
