Додека музичката јавност со големо нетрпение го очекува нејзиниот нов албум со дури 19 нови песни, македонската фолк-ѕвезда Сузана Гавазова повторно ја изненади публиката со уште еден квалитетен музички проект. Овојпат таа ги здружи силите со Ервин Аметовски и „Јужни Ритам“, создавајќи песна која уште од првото слушање плени со својата мелодија, емоција и современ аранжман.
Препознатливиот вокал на Сузана Гавазова одлично се надополнува со интерпретацијата на Ервин Аметовски, а музичката енергија на „Јужни Ритам“ му дава посебен печат на целиот проект. Токму оваа комбинација ветува дека песната ќе го пронајде своето место кај љубителите на добрата македонска и балканска музика.
Зад музиката стојат Ервин Аметовски и „Јужни Ритам“, додека текстот е дело на Орце Зафировски и Ервин Аметовски. Аранжманот го потпишуваат Реан Незировиќ и „Јужни Ритам“, а за беспрекорниот микс и мастеринг се погрижи Реан Незировиќ. Вокалите се снимени во Studio Rec – Vokal Studio Rrah Rahman, каде што е посветено големо внимание на секој музички детал.

Посебен белег на овој проект му дава и видеоспотот, кој е снимен на прекрасните локации во Дојран. Природните убавини на езерото, летната атмосфера и внимателно избраните кадри создаваат топла и романтична приказна која совршено ја следи емоцијата на песната. За комплетната видео продукција е заслужен тимот на NNF Studios, кој повторно демонстрираше високо ниво на професионалност и креативност.
Со ова ново музичко остварување, Сузана Гавазова уште еднаш потврдува зошто со години е меѓу најценетите и најпопуларните македонски пејачки. Нејзината постојана желба за нови предизвици, соработки и квалитетни проекти ја прават една од најактивните личности на домашната естрада.
Ако ова е само увертира во албумот со 19 нови песни што наскоро треба да биде објавен, тогаш љубителите на македонската музика со право можат да очекуваат уште многу хитови и уште една успешна музичка приказна од Сузана Гавазова.
