ГОЦЕ ЏУКЛЕСКИ СО 76 АВТОРСКИ ОРА – СВЕЧЕНА ПРОМОЦИЈА НА КНИГА КОЈА ГО ЗАЧУВУВА МАКЕДОНСКОТО МУЗИЧКО НАСЛЕДСТВО

Please follow and like us:
Pin Share

Во преполната Прличева одаја при НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, денеска беше одржана промоцијата на значајната музичка збирка „Авторски ора од Гоце Џуклески“, дело кое претставува своевиден траен запис на повеќедецениското творештво на д-р Гоце Џуклески и значаен придонес во зачувувањето и афирмацијата на македонската народна инструментална музика.

Настанот помина во свечена и исклучително емотивна атмосфера, пред бројни гости, познати музички соработници, колеги, пријатели и поддржувачи на Џуклески, кои со своето присуство му оддадоа признание за неговиот долгогодишен творечки ангажман. Големиот интерес и преполната сала беа уште една потврда за почитта што ја ужива авторот меѓу музичките уметници и љубителите на народната музика.

Промоцијата ја водеше Милчо Јовановски, кој на професионален и содржаен начин ја проследи програмата, отворајќи простор за претставување на животот, творештвото и музичкиот придонес на Гоце Џуклески.

Посебен впечаток оставија видеопрезентациите преку кои присутните имаа можност да се запознаат со неговите авторски ора, но и да ги слушнат размислувањата, оценките и пораките на негови колеги и музички соработници од Македонија, Бугарија и Србија. Преку нивните видеообраќања беше претставен творечкиот профил на Џуклески, неговиот препознатлив музички израз и значењето на неговото дело во поширокиот музички контекст.

76 АВТОРСКИ ОРА – ЕДНО ТВОРЕШТВО ЗА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ

Во книгата се поместени вкупно 76 авторски ора, поделени во два тематски дела – „Македонски ора“ и „Балкански ора“. Станува збор за музичка збирка во која повеќедецениското творештво на авторот добива трајна нотна форма, со што се создаваат можности за негово понатамошно изучување, изведување и пренесување на идните генерации музичари.

Особена вредност на изданието е нотирањето и графичкото обликување на сите дела, што го прави ова дело значајно не само за изведувачите туку и за музиколозите, истражувачите и сите кои се посветени на македонската народна музичка традиција.

Мелографијата, компјутерската нотографија и графичкото обликување се дело на м-р Сашо Ливрински, долгогодишен соработник на д-р Гоце Џуклески. Во предговорот Ливрински го издвојува специфичниот музички јазик на авторот, особено карактеристичниот мотив од пет тона, кој се појавува речиси во секоја композиција и претставува еден вид негов авторски музички потпис.

Во публикацијата се застапени и рецензии од еминентни музиколози и музички виртуози: Кирил Тодевски, Марко Коловски, Влада Веселиновиќ, Владимир Минчев и Дарко Илиевски, чии стручни осврти дополнително ја потврдуваат вредноста на ова музичко издание.

ПОЧИТ КОЈА СЕ ГРАДИ СО ДЕЦЕНИИ

Еден од најсилните впечатoци од денешниот настан беше токму присуството на голем број луѓе кои низ годините соработувале со Гоце Џуклески, го следеле неговото творештво и ја препознаваат неговата посветеност на музиката.

Нивното присуство, заедно со видеообраќањата од музички соработници од повеќе балкански земји, ја претворија промоцијата во повеќе од обично претставување на една книга. Таа беше средба на генерации, пријатели и музички истомисленици, обединети околу едно богато творештво и љубовта кон народната инструментална музика.

Книгата е објавена во тираж од 200 примероци, во издание и печат на „Индиго Хаб“ од Скопје.

Со ова издание, Гоце Џуклески остава значајно музичко сведоштво зад себе. Неговите 76 авторски ора од денес добиваат уште една форма на живот – запишани, документирани и достапни за идните генерации.

76 ора, пет децении музички идентитет и творештво кое продолжува да живее. Денешната промоција во Охрид беше вистински празник на македонската народна музика, но и потврда дека вредните авторски дела заслужуваат да бидат зачувани, почитувани и пренесувани низ времето.

Please follow and like us:
Pin Share