Мендо Ташкоски за ИН ТВ : Има голема заинтересираност кај младите за изучување на народните инструменти

Please follow and like us:
Pin Share

Мендо Ташкоски е професор во ОМУ Орде Михајловски во Прилеп, а предава народни инструменти. Тој вели дека заинтересираноста кај младите за изучување на овие инструменти е на завидно ниво, додавајќи дека најмногу сакаат да свират тамбура, тапан, гајда, кавал.

Добропознат е на јавноста како виртуоз на хармоника и како дел од “Балканика бенд” од Прилеп. Мендо Ташкоски е и професор во Основното музичко училиште во Прилеп, на отсекот со народни македонски инструменти. За него е големо задоволство што има таква убава можност младите луѓе да ги доближи до македонските корени.

-Професор сум во ОМУ Орде Михајловски, предавам народни инструменти и работам со доста млади луѓе. Многу ми е драго што уште од мали нозе, младите ги доближувам до нашите корени до фолклорот и традицијата. За пофалба е тоа што имам огромен успех, со моите ученици еве работам 13 години и досега имаме освоено над 40 први меѓународни награди, два самостојни концерти од кои еден во Хрватска, еден во Бугарија и одлично ни оди. Многу сум задоволен.-раскажува Ташкоски, за естрадниот магазин Естрада плус.

Мендо вели дека радува фактот што младите се доста заинтересирани за изучување на традиционалните македонски инструменти.

-Има голем интерес, а тоа се должи на тоа што фолклорот ни е во генот. Колку и да се восхитуваме на туѓата музика, не можеме да избегаме од корените и традицијата. Многу ме радува фактот што младите се доста заинтересирани за македонскиот народен фолклор и традиција, што треба да биде така. Најмногу сакаат да свират тамбура, тапан, но не дека останатите инструменти не се застапени. Имам многу добри ученици кои свират кавал, гајда. Секоја година е различен интересот, зависи до генерацијата.-открива Мендо, во интервјуто за ИН ТВ.

Според Ташкоски, заинтересираноста од година во година се повеќе расте.

-Во овие 13 години, заинтересираноста воопшто не опаѓа и секогаш е на доста завидно ниво. Секоја година се бара место повеќе и јас не одбивам ниеден ученик, бидејќи мислам дека на младите мора да им се даде шанса да се пронајдат во тоа што најмногу ги бидува.-додава Мендо.

Во продолжение уживајте во изведбата на “Моминско оро” !

Please follow and like us:
Pin Share