
На сцената е од 15-годишна возраст. Стојне Николова открива дека талентот за пеење го наследила од својата мајка, но и од баба. Таа често настапува на фестивалите во Македонија и надвор и вели дека истите се одлично место за промоција на нови песни, но и за дружење со колегите.
Љубовта кон музиката е уште од мали нозе. Стојне Николова при гостувањето во емисијата Промо открива дека нејзиниот талент за пеење е наследен од нејзината мајка, но и од баба, бидејќи како што вели и тие одлично пеат.
-Со музика почнав да се занимавам од мојата 15-годишна возраст, кога завршив основно училиште. Првпат имам настапувано на фестивалот Спасовден, кој го организираше ИН ТВ, а потоа почнаа да се редат и други настапи на други фестивали.-истакна Николова.
Таа вели дека фестивалот е убаво место за промоција на новите песни, но и за дружење со колегите од естрадата. Освен во нашата земја, Стојне често настапува на фестивалите надвор од Македонија, посебно во соседните земји.
-Покрај “Роса Фест”, имам настапувано на Охридски трубадури, на Турковизија во Турција, тоа е Турска Евровизија. Пирин Фолк во Бугарија кадешто имам освоено шест награди. На повеќе фестивали можам да кажам. Дефинитивно се добро место, бидејќи убаво е да се настапи на фестивал, да се промовира нова песна, дружбата со колегите е преубава, затоа што ние имаме многу малку време за да се дружиме со нашите колеги бидејќи постојано патуваме надвор и дефинитивно се убави.-додава пејачката.
Покрај фестивалите и големиот број настапи и ангажмани, Стојне подготвува нов проект со народни македонски песни, но и преработки на странски хитови. Во моментов се работи на нејзиниот прв албум со авторски песни, а до завршувањето на истиот недостигаат уште една до две песни.