Се сними Велигденско шоу со познати музички имиња

Please follow and like us:
Pin Share

Во прекрасен амбиент кој го подготвија домаќините од Етно ресторанот “Дедо Димо” и со доброодбрани македонски песни се сними Велигденско шоу во Продукција на ИН. Елена Велевска, Татијана Стефановска, Спасен Силјаноски, Благица Павловска, беа само дел од музичките имиња кои се погрижија за убавата атмосфера.

Се наближува најголемиот Христијански празник Велигден. По тој повод ИН продукција сними прекрасно Велигденско шоу на кое учествуваа познати музички имиња од македонската естрада. Покрај одличната атмосфера која ја направија музичарите, тие имаа можност да ги кажат обичаите кои ги имаат во нивниот роден крај за овој празник.

-Празникот започнува од Велики Четврток со вапцувањето на првите јајца, потоа следи Велики Петок, па прослава и ручек во недела. Воглавно обичаите се исти и Битола и Охрид, најдобро е да се празнуваат во кругот на најблиските и тогаш е најубав и празникот.–истакна фолкерката Татијана Стефановска.

-Јас потекнувам од едно семејство во коешто со голем жар се празнуваат сите македонски православни празници, а посебно се разбира најголемиот празник Велигден. Во секој крај има посебни обичаи, а во нашиот крај не се разликува нешто многу од другите места. Она што е важно секако, ние обрнуваме повеќе внимание на музиката, едвај чекаме да дојде недела, Воскресението, така да се расположиме. Мојата фамилија сме сите музикални и го прославуваме тоа на еден начин каков што и доликува за православен христијански и весел начин, бидејќи Воскресението Христово е најголемиот празник и вреди да се слави и да се пее.-вели Спасен Силјаноски.

-Не би кажал ништо поразлично од моите колеги. Можам да кажам дека исто на Велики Четврток се вапцува првото јајце, се вади пред изгрејсонце надвор во црвена обвивка во сито. Ќе напоменам и дека малку зеде замав модата, не се само црвени јајцата туку сега се вапцуваат во различни бои и различни декорации, нормално за да биде поинтересен празникот, но пред се да се забележи и да се зачува исконското, црвените јајца.-вели Златко Јолакоски, од група “Чардак”.

Велигденското шоу беше надополнето со играорци од КУД Фолклористи, како и со прекрасен амбиент којшто го подготвија домаќините од Етно ресторанот “Дедо Димо”, кој се наоѓа во Охридското село Куратица.

Please follow and like us:
Pin Share