Љубовта кон музиката се појавила уште од мали нозе. Даниел Божиноски кој е студент на Музичката академија во Скопје покрај на саксофон, умее да свири кларинет и клавир, а во иднина би сакал да изучи и македонски традиционален инструмент, односно зурла или гајда.

Саксофонистот Даниел Божиноски во моментов е студент на Музичката академија во Скопје, а завршил и средно музичко образование. Покрај на саксофон тој умее да свири уште на кларинет и клавир. Неговата љубов кон музиката се појавила уште од негова најрана возраст.
-Со музиката почнав од рана возраст, поточно од мојата 7-годишна возраст ја сакав македонската музика и уште од мали нозе имав желба за дувачки инструменти. На 14-годишна возраст купив саксофон и се запишав во Средното музичко, па сега на академијата.-истакна Даниел.

Младиот музичар не ја исклучува можноста во иднина да научи да свири на уште некој инструмент додавајќи дека би се одлучил за македонски традиционален, како на пример зурла или гајда. Кога станува збор за неговиот талент, вели дека е наследен, бидејќи поголемиот дел од неговата фамилија се истотака музичари.
-Повеќето членови на мојата фамилија се музичари. Почнувајќи од Влатко и Златко Миладиноски, Христијан Тришоски и ред други кои не се актуелни, битно сите сме музичари.-додава тој.

Даниел деновиве во соработка со ИН Продукција го промовираше видео записот за неговото прво музичко остварување со наслов “Алтано оро”.
