
Татијана Стефановска првиот јавен настап го имала на Валандовскиот фестивал во 2007 година. Таа открива дека на фестивалот настапила случајно, бидејќи сакала да осети какво е чувството да се настапува на сцена, а не замислувала дека пеењето во иднина ќе стане нејзина професија.
Музичката кариера на фолкерката Татијана Стефановска започна во 2007 година. Таа при неодамнешното гостување во ИН Продукција истакна дека нејзиниот прв јавен настап бил на Валандовскиот фестивал, кој е отскочна даска за нејзината успешна кариера.
-Тогаш брзо се започнав со народната музика, затоа што не ја пратев многу таа музика, знаев општо некои песни, но не ги знаев ни на памет. Отприлика знаев која е која, немав никаков репертоар со народна, слушав само странска музика и имав понуди од сите битолски фолк групи да бидам член од нивната група. Не се гледав никогаш како пејачка, но ајде реков ќе одам на некој фестивал па потоа се повлекувам, бидејќи ми беше мерак да се качам на сцена на таков настан.-вели Стефановска.
Откако се појавила на фестивалот, Татијана добила голем број понуди за соработка како од бендови, така и од композитори и текстописци.
-Тоа појавување ја одреди мојата понатамошна професија, затоа што луѓето имаа многу добри реакции кон мене, имав многу понуди за соработки и од тогаш не се откажав, иако таа замисла ми беше само еднаш да се појавам и потоа нема да го работам тоа.-додава таа.
Нејзината љубов кон музиката се појавила уште кога била малечко девојче. Татијана секогаш настапувала на школските настани, а подоцна пеела и во градскиот хор “Стив Наумов” од Битола. Таа денес важи за една од најдобрите и најбараните пејачки на македонската естрада, а зад себе има голем број песни, спотови и се разбира настапи како во Македонија, така и надвор од неа.