
Младите момци од Модерато бенд го снимија нивниот прв видео проект. Станува збор за кавер верзии на македонски народни и забавни хитови, отсвирени и отпеани во живо. Проектот е во соработка со ИН Продукција.
Чија си, Далеку во Туѓина, Врати се бела Марије, се дел од хитовските рефрени кои ги препеаа младите момци од Модерато бенд-Кавадарци. Тие снимија видео проект за истите, кој е во соработка со ИН Продукција.
-Станува збор за 10 македонски песни со различни жанрови, имаме забавни, печалбарски, свадбарски песни, од се по нешто, а опфативме и едно оро. Ја снимивме печалбарската Далеку во туѓина, Врати се бела Марије, Љуби срце од Зоран Дамјанов, пејач кој потекнува од Тиквешијата и затоа се одлучивме да снимиме и една негова песна.-истакна Дане, вокалот на бендот.
Аудиото за песните, како што велат од бендот го снимале околу 5-6 месеци, а се надеваат дека целиот проект ќе им се допадне на гледачите.
-Целта на овој проект е што повеќе да не запознае публиката тука пред се во Тиквешијата, а и пошироко. Ние сме релативно млад бенд и се надеваме дека се ќе заврши во најдобар ред, дека ќе допреме до гледачите и слушателите овде и пошироко.-додава тој.
Модерато бенд постои околу 3-4 години на македонската естрада, а се состои од 5 релативно млади, но искусни момци.