Самостојно Новогодишно шоу снимија и момците од Лајв бенд. Проектот е составен од исклучиво македонска музика, а на нивниот репертоар има добро познати македонски народни хитови. Премиерно за гледачите на ИН ТВ, во шоуто го претставија и нивното прво инструментално дело, “Ангелово оро” кое е авторско дело на нивниот колега Роберт Ангеловски.

Лајв бенд од Скопје е еден од бендовите кои најповеќе ја негуваат македонската музика. Тие викендов во познатиот ресторан “Ореов лад”, снимија самостојно Новогодишно шоу со добро одбрани македонски народни песни.
-Најпрво благодарност до сите оние кои што ни ги отворија вратите за ова преубаво шоу, ресторанот “Ореов лад” и секако соработката со ИН Продукција. Убаво помина денот, работно, но и во прекрасна, топла атмосфера, покрај камин. Новогодишните празници се ближат, па како може да бидеме.-истакна Орде Неделковски, вокал на бендот.

Проектот се состои од фестивалски хитови и песни од Кичевскиот крај, но и музика во традиционалниот македонски 7/8 ритам.
-Ние најповеќе ја негуваме македонската музика и тој стил на свирење, токму и таква музика имаме снимено во овој проект. Новогодишно шоу за нашите македонци во Македонија и надвор од неа, ќе можат да уживаат во неколку убави сплетови и песни, исклучиво македонска музика.-открива Орде, за естрадниот магазин “Естрада плус”.

Покрај двете авторски песни “Да си прашам за неа” и “Туѓина била маќеа”, коишто ги снимија годинава, момците од Лајв бенд за првпат на Новогодишното шоу го претставија и нивното прво инструментално дело кое е насловено “Ангелово оро”.
-Премиерно на Новогодишното шоу, гледачите ќе имаат можност да го слушнат и нашето прво оро, Ангелово оро, кое е авторско дело на нашиот колега Роберт Ангеловски. Се надевам дека ќе биде добро прифатено и дека ќе им се допадне на слушателите и гледачите.-додава тој, при интервјуто за ИН ТВ.
Проектот ќе биде промовиран и емитуван за време на Новогодишните празници на сателитската ИН Телевизија, а од бендот се надеваат дека гледачите ќе уживаат во нивната изведба.
