
За дочекот на новата 2019-та година, фолк пејачот Благојче Стојановски-Туше ќе ги забавува нашите македонци во Австралија, поточно во Долтон Хаус во Сиднеј. Во Австралија заминува неколку дена пред Нова година, а на први јануари се враќа во Македонија со цел Новогодишните празници да ги помине со неговото семејство.
Познатиот фолк пејач Благојче Стојановски-Туше е познат по бројните настапи надвор од земјава кои што ги остварува во текот на целата година. Тој најчесто патува за Австралија, па и за дочекот на новата година е веќе резервиран таму, а ќе настапува заедно со Деспина бенд и Илија Ампевски.
-За најлудата ноќ ќе бидам во Долтон Хаус во Сиднеј, Австралија. Заминувам како и обично неколку дена пред Нова година, пеам за дочекот, а на први јануари се враќам тука во Македонија. Нема да имам настап, но едноставно сакам да бидам со најблиските, ако неможам да ја дочекам Нова година со моите, барем вака на први ќе бидам во Македонија.-истакна Стојановски, за естрадниот магазин “Естрада плус”.
Благојче за гледачите на ИН ТВ открива и дел од неговите планови за наредната година. На повидок се неколку нови песни, видео записи за истите, но нема да изостанат и турнеите надвор од Македонија.
-Во 2018-та снимив неколку песни и во 2019-та година планирам уште неколку песни, нови спотови, настапи. Имам веќе договорени турнеи во Австралија, а во преговори сум за Америка и Канада, Шведска, Данска, па добро е.-додава тој.
Покрај тоа што ќе патува на различни места низ светот, за летниот период Благојче најавува дека ќе биде стациониран во Македонија.