
И официјално започна вториот круг на гласање за првите регионални музички награди што ќе бидат доделени на 29 јануари во арената „Штарк“ во Белград, на манифестацијата наречена „Мјузик авордс серемони“ или МАС.
Во прелиминарниот список со номинации се најдоа 30 македонски изведувачи, но тој број сега е доста помал бидејќи во секоја категорија останаа само по шест номинирани, односно по шест уметници/дела кои добиле најмногу гласови во текот на првиот круг.
Имено, македонската публика сега ќе може да го даде својот глас само за шест домашни песни и изведувачи, меѓу кои „Ај кју“, Сара Мејс, „Фанк шуи“, Каролина Гочева, „Некст тајм“ и Лина Пејовска. Минатогодишните евровизиски претставници успеаја да влезат во потесниот круг во категоријата најдобра поп-песна од бенд со темата„Мојот крал“, а Сара Мејс со своето „Небо“ се натпреварува за титулата најдобра алтернативна електро-поп нумера. Фуриозната тројка „Фанк шуи“, пак, со својата „Виулица“ е во трка за наградата за најдобра рок-песна, а потенцијални добитници на признанието за најдобра етно-песна се Каролина Гочева за „Ти не дојде“ и „Некст тајм“ за ремек-делото „Слушам кај шумат шумите“. Од вкупно шесте македонски изведувачи што беа номинирани за најдобар нов изведувач, најмногу гласови успеа да добие некогашната Пинкова ѕвездичка Лина Пејовска.
Иако првично беше номинирано во 3, односно во 4 категории, ар-ен-би дуото ДНК не успеа да обезбеди ниту една официјална номинација, а во финалниот список го нема ни Лозано, кој беше номиниран за хитовите „Камо тебе да те имам“ и „Километри“.