Фантастик бенд ја снимија првата авторска песна која носи наслов “Дари ми љубов”. Песната беше промовирана на Новогодишното шоу кое што го организираше ИН Продукција. За следниот период од бендот најавуваат нова песна, но овојпат свадбарска или печалбарска.
Момците од Фантастик бенд важат за релативно млади, но искусни музичари кои се доста барани на настапи низ целата земја. Тие неодамна ја снимија и нивната прва авторска песна која што ја промовираа на Новогодишното шоу од ИН Продукција. Песната носи наслов “Дари ми љубов”, а со оглед на тоа што е нивно првенче, од бендот се надеваат дека ќе биде добро прифатена од публиката.
-Тоа ни е првенче. Се надеваме и дај Боже да биде добро прифатена. Овојпат гледавме песната да биде понежна, културна песна. Здравје понатака, во 2019 се надеваме дека ќе направиме уште еден нов проект, т.е нова песна. Сите заеднички треба да одлучиме каков стил би било тоа. Се надевам дека тоа ќе биде свадбарска или печалбарска песна. За “Дари ми љубов” сите заедно одлучивме да ја снимиме. Иначе, текстот го работеше наш колега од Гостивар, Драган Матески, музиката ја изработи Душко Наумоски, исто колега и аранжманот е на Јован Василевски од Тетово.-истакна Драган Николоски, еден од членовите на бендот.
Тие деновиве во соработка со ИН Продукција снимија видео проект со исклучиво македонски песни.
Инаку, Фантастик бенд се состои од шест членови, Дарко Ангеловски-вокал, Драган Николоски-тапанар, Анде Петрески-басист, Дарко Петрески-саксофон, Ненад Вукојичиќ-клавијатура и Миле Ѓорѓоски-гитара.