
Музичарот одлично се опоравува и моментално ги одработува сите концерти кои биле откажани поради неговата здравствена состојба. Откако издале нова балада групата подготвуваат и нов албум.
Аки Рахимовски (63), фронтмен на групата „Парни ваљак“, проговорил за мозочниот удар кој го имал во април оваа година и истакнал дека сила за борба му давале пораките кои ги добивал.
„Пред се, и благодарам на публиката, што имаше разбирање и што и понатаму ме сакаат и поддржуваат. Знам колку им значам на луѓето и токму тие пораки на поддршка кои ми ги испраќаа и тоа како ми значат. Покрај публиката ме поддржуваше и семејството. Беа покрај мене и за време на болеста, но и кога реков дека се враќам на музиката“ раскажал пејачот.
Тој тврди дека сеуште нема намера да оди во пензија бидејќи музиката му претставува се во животот и не знае што друго би работел.
„Мојот живот е музиката, не знам што би работел подобро од тоа. Јас цели 24. години го работам само она што го сакам и никогаш не сум размислувал за тоа да одам во пензија. Немам намери да се повлечам од сцената“, рекол Аки.
„Парни ваљак“ издал нова песна, а како што открил Аки, не планираат тука да застанат. Имено, во подготовка е и нов албум.
„Новата песна ’Од каде ти право’ е балада и најава за албумот кој ќе се појави кон крајот на ноември. Таа песна е вистинска, потполно е поинаква и човекот едноставно е опчинет од текстот, а и спотот е одличен. Се воодушевив кога го видов, а реакциите се и тоа како позитивни. Новиот албум во позадина ќе го има вистинскиот звук на ’Парни ваљак’, но ние постојано си играме и одиме напред додека работиме, така што сепак ќе има и нешто ново“ порачал Аки.
Аки на сцената се вратил пред две недели и вели дека чувството е феноменално.
“Ги работиме сите концерти кои ги откажавме поради мојата здравствена состојба. Сега доста работиме, со полна пареа, патуваме и концертите минуваат одлично. Нова година конечно ја минувам во моето Скопје, после толку години. Секогаш сум бил на некое друго место, но овојпат нема“, заклучил музичарот.