
Младиот и талентиран Игор Андреевски неуморно работи на творење нова македонска песна. Инаку, тој е и доста баран на семејните прослави низ Македонија, а соработува со голем број музичари од македонската естрада.
Игор Андреевски пред извесно време во студиото на ИН Продукција промовираше три авторски песни, сите со различна тематика. По само краток период, тој презентираше уште две песни, од кои едната е авторска, а другата преработка на стара македонска песна што е показател дека младиот музичар неуморно работи на творење нови песни. Покрај тоа што секој момент го користи за творење музика, Игор и често настапува на семејните прослави низ целата наша земја.
-Настапувам скоро со сите музичари во зависност од прославата и како ме повикале, дали како поединец или со група. Настапувам на секакви свечености и насекаде каде што ќе ме побара публиката, најчесто низ Македонија.-раскажува младиот пејач, за естрадниот магазин Естрада плус.
А кога станува збор за патување и настап надвор од Македонија, Игор вели дека со задоволство би прифатил доколку добие покана од нашинците ширум светот.
-Оваа песна “Мајка Македонија” може да се каже дека ја напишав и за нашите македонци тука, но и за нашинците кои се надвор од границите на нашата земја. Секако дека би прифатил доколку имам понуда за подалечните земји и со задоволство би пеел за нашите македонци кои живеат во странство.-додава Игор во интервјуто за ИН ТВ.
Се разбира дека тој тука не запира. Веќе за следниот период најавува нови музички дела и соработка со неговите колеги од македонската естрада.