
Откако ќе го одржи концертот во неговиот роден град, Кавадарци, Марјан Коцев заминува на одмор. Тој вели дека по враќањето од одморот, со нови сили продолжува понатаму со снимање на нови хитовски песни, но и исполнување на бројката концерти по повод неговиот јубилеј од 25 години постоење на македонската фолк сцена.
Летниот период беше доста плоден за познатиот фолк пејач и миленик на женската популација, Марјан Коцев. Како што истакна тој при интервјуто за ИН ТВ, неговите ангажмани беа до 1-ви септември, преостанува уште неговиот концерт на 6-ти септември во Кавадарци и веднаш следниот ден заедно со неговото семејство, Коцев заминува на одмор.
-На почетокот на месец септември се одржува големиот настан “Гроздобер” во Кавадарци кој што трае три дена, 6-ти, 7-ми и 8ми. На 6-ти имам концерт во мојот град заедно со “Галакси бенд”. Така да, на 7-ми се пакувам и на 8-ми заминувам на одмор фамилијарно на 7-8 дена, да одмориме малку па после тоа одиме со нови песни, нови хитови и нови сили.-изјави Коцев, за естрадниот магазин Естрада плус.
Инаку, периодов Марјан ја исполнува и бројката за неговиот јубилеј, како што веќе најави ќе се одржат вкупно 25 концерти, со кои одбележува 25 години постоење на македонската естрада. По враќањето од неговиот одмор, со нови сили продолжува со неговата мисија, да ги исполни сите тие концерти. Коцев при интервјуто открива дека во престојниот период ќе одржи уште неколку концерти во повеќе градови низ нашата земја.
-После тоа има и некои други градови кои што се во договор, но сеуште не е дефинирано. Се надевам дека ќе падне договор. Тука е Куманово, Струмица, Радовиш, Делчево, Кратово. Истотака, имав концерт и во Охрид, на 9-ти Август во хотел “Силекс” заедно со Анета и група “Молика”, Дарко Билбиловски и Татјана Лазаревска, тие ми беа гости. Убаво беше навистина, супер. Пеевме покрај базен, убава атмосфера и беше многу убаво. Одиме напред, нема назад и се надевам дека ќе се исполни таа бројка од 25 концерти-додава Коцев, за гледачите на ИН Телевизија.