“Фаворити бенд” од Гостивар деновиве во соработка со ИН продукција снимија нов видео проект. Станува збор за одбрани кавер песни од богатата македонска народна ризница. Ново во овој бенд е тоа што од неодамна заедно со нив е и младата Сара која се јавува како женски вокал на групата.

-Имаме добра причина , да презентираме дел од нашата работа која што ја работевме изминатиов период. Тоа се неколку таканаречени, популарни кавери на наши македонски народни песни. Имаме споено еден добар дел од некој наши песни кои што ги нарекуваме свадбарски. Со тоа би сакале да им презентираме на нашите слушатели, гледачи како изгледа кога ете “Фаворити бенд” и денешната наша гостинка Сара Камчева изгледаме заедно, како би изгледала една забава со нас, истакнува Горан.
Проектот содржи околу десетина македонски кавер песни кои звучат соодветно на “Фаворити” , кои долго време ја негуваат народната песна во нашата земја.
-Имаме и една наша песна која што ја изведовме на “Лешочкиот фестивал” минатата година, “Невеста бела самовила”, имаме нешто и од Сара Камчева две песни. Исто така имаме и еден убав кавер кој што ни остави добар впечаток, се работи за песна изведена на Валандово, ни остави добар впечаток и сакавме да и посветиме внимание, додава Горан.
Како што додаваат од “Фаворити бенд” нема застанување тука, веднаш по овој проект продолжуваат понатака, при што имаат и нови готови песни, кои само чекаат погодно време за да ги пласираат во етерот на музичката сцена.
