
За првпат во 35 години колку што опстојуваат на естрадата, Оркестар Маестрал се соочуваат со ваква ситуација кога во една година немаат ниту еден настап. Слободното време го искористија да снимат и промовираат две нови песни.
Како едни од најпогодените во корона кризата се музичарите, бидејќи поголемиот дел од нив егзистираат само од остварување на настапи по локали и ресторани. Од Оркестар Маестрал велат дека за првпат во 35 години постоење на македонската естрада, се соочуваат со ваква ситуација кога немаат ниту една свирка, што е многу тешко за нив.
-Тешко е, навистина е тешко особено за нас кои егзистираме само од музиката. Ова е голем удар за нас, ние со години ја работиме ова работа. За овие 35 години колку што сме на сцената, првпат се соочуваме со ваква ситуација, да останиме цела година без ниедна свирка, претежно нашата музика е свадбарска и знаете дека тоа свириме. Меѓутоа како за сите така и за нас. Ќе се надеваме дека 2021-ва ќе започнеме со свирење.-истакна Иле Митревски, вокал на Оркестар Маестрал во неодамнешното интервју за ИН ТВ.
Со оглед на тоа што не можат да настапуваат тие решија да влезат во студио и да создадат некое ново музичко дело. Пред само краток период во студиото на ИН Продукција промовираа две нови песни “Господ внук ни подари” и “Благослов за Анастасија”. Песните се наменски и посветени на две внучиња од нивни блиски пријатели од Австралија.