
Во интервју за ИН ТВ, Влатко Миладиноски зборува за справувањето со корона кризата, но и ги открива неговите планови за следниот период.
Еден од најпознатите и најбараните македонски пејачи Влатко Миладиноски, во интервју за ИН ТВ проговори за тоа како се справува со корона кризата. Иако беше приморан да откаже бројни настапи поради корона вирусот, меѓу кои и голема турнеја во Америка и Канада, тој вели дека сепак овој одмор и му годел бидејќи поминал повеќе време со семејството.
Како што открива периодов се подготвуваат неговите нови песни во студиото на неговиот брат Златко Миладиноски, а со тоа на неговите фанови им најавува вистинско изненадување.
-Би кажал дека останавме половични од сите тие големи планови. Имаше и доста турнеи кои што се организираа заклучно до 8-ми Март. Следуваше една голема турнеја во Америка и Канада со Сузана Гавазова и мојот брат Златко Миладиноски, но за жал тоа се одложи, се одложија и многу други гостувања и патувања. Малку одморивме, да бидам искрен тоа и ми годеше, добро ми дојде. Еве во последно време сработивме нешто, спремивме многу нови песни кои што лека полека ќе ги издаваме. Во текот на 2021-ва очекувајте ги, тие се веќе спремни само го чекаме вистинското време, некои гостувања по емисии, така да не бевме цело време пасивни, иако доста пасивно почнавме, меѓутоа ете пред крајот на 2020-та малку се ангажиравме. Во студиото на брат ми Златко, реализиравме многу идеи кои што во идниот период секако во свое време ќе бидат објавени.-истакна Миладиноски за естрадниот магазин Естрада плус.
Според него музиката е уметност, а не работа. Тој вели дека веќе му недостига дружбата пред се со публиката, но и колегите од македонската естрада.
-Пеењето е наше секојдневие. Јас не милувам да кажам дека тоа ни е работа, бидејќи музиката не може да биде работа, музиката е уметност, но сепак е некој начин на кој што ние функционираме и секако дека од едно секојдневие се префрливме во сосема друго, како што кажав на почетокот доста ни годеше, одморивме од сите тие патувања кои ги имавме. Но, сега почна веќе да ни недостасува дружбата со колегите, дружбата пред се и најважно со публиката. Се надеваме дека што поскоро ќе се вратиме таму каде што бевме.-додава Влатко за гледачите на ИН ТВ.
Инаку, Влатко заедно со неговиот братучед Дамјан Стојаноски беа специјални гости на Божикното шоу на фолк дивата Сузана Гавазова при што отпеаа бројни познати македонски рефрени.