Од турнејата во Австралија која траеше за време на Новогодишните празници, Маестралци се вратија со нова песна. Тие откриваат дека добиле песна како подарок, но поради состојбата со коронавирусот сеуште не е снимена во студио. Како што велат станува збор за доста убава песна која е наменета за крштевка.

Оркестар Маестрал важат за едни од најпознатите и најбараните музички групи во земјава, а мора да напоменеме дека овие музичари доста често гостуваат и кај нашинците во далечната Австралија.
Како што откриваат во интервју за ИН ТВ од последната турнеја се вратиле со доста значаен подарок за нив, а тоа е нова песна која ја добиле од нивни близок пријател од Сиднеј. Станува збор за наменска песна за крштевка, која е готова, но сеуште не е снимена во студио поради состојбата со коронавирусот.
-Песната беше спремна и ни беше поклон, од Австралија ја донесовме песната. Прекрасна песна за крштевка, инаку Оркестар Маестрал е познат по фамилијарните прослави и песната за крштевка ни е поклон од нашиот голем пријател Јонче од Сиднеј, оваа прилика ќе ја искористам да го поздравам него и сите Македонци ширум светот, каде и да се на сите континенти, ни недостигаат дружбите со нив, макар и тука да дојдат тие. Се надеваме, оптимисти сме, позитивно ќе гледаме на сето ова. Дај Боже што поскоро да започнеме да функционираме сите.-истакна Александар Тасевски во интервјуто за ИН ТВ.

Турнејата во Австралија траеше скоро месец дена, а членовите на Оркестар Маестрал одржаа повеќе концерти во различни градови каде што ги има нашите Македонци.
-Да, точно. Бевме во Австралија со многу убави спомени, многу убави дружби, меѓудругото и со соработката со ИН ТВ и на Австралиско тло бидејќи токму ИН ТВ пренесуваше во живо еден од нашите концерти во Волонгонг. Прекрасно беше, но за жал ете сега и ние и сите наши колеги сме спречени да патуваме до нашите иселеници во странство насекаде, а верувам дека очекуваат добра македонска музика сите.-додава тој за Естрада плус.
Инаку, како и сите музичари во Македонија, така и Маестралци имаат голема загуба од откажаните настапи поради корона кризата.
