Во прекрасна атмосфера во стариот дел на градот Охрид се сними новиот спот на една од најпознатите фолк пејачки на македонската естрада Сузана Гавазова за нејзината нова песна “Прстен несуден”. Спотот е во соработка со ИН Продукција, а истиот е во режија на Даниел Јовески.

После одличниот спот кој што го сними во Охрид за песната “Бум Бум” која руши рекорди на гледаност и слушаност, фолк дивата Сузана Гавазова повторно се врати во Балканскиот Ерусалим, а поводот и овојпат беше снимање на спот, но сега за нејзината најнова песна “Прстен несуден” .
Станува збор за одлична песна која е во соработка со светски познатиот Џамбо Агушев.
Во снимањето на видеото покрај Сузана, која одлично се снајде и како актерка, беа вклучени голем број статисти од модното студио Шанел од Битола, главниот машки лик Тео од Охрид и убавата девојка Блерина од Ресен, кои што се потрудија да ја доловат целата приказна на песната.
Текстот за оваа песна го напиша Орце Зафировски, аранжманот е на Минтас Мемедов, а музиката е од стара македонско-османлиска песна. Истата сега е со нов аранжман, односно во ново руво.
-Повторно снимавме во Охрид, на неколку локации во стариот дел на градот. Снимавме повторно таму, затоа што тој дел ја претставува културната историја на Македонија и се чувствува таа магија која ги поврзува древните и модерните времиња засекогаш. Лесно беше снимањето, иако имавме многу статисти, но така е кога се работи со професионалци. Приказната во текстот “Прстен несуден” е тажна, а мелодијата весела. Се надевам дека ќе се слуша песната и ќе се гледа спотот затоа што ќе видат гледачите колку сме вложиле труд и време, па мислам дека тоа ќе се осети и ќе го видат гледачите и ќе им се допадне. Навистина дадовме се од себе.-изјави Гавазова во дел од ексклузивното интервју за ИН ТВ.


За изгледот на Сузана се погрижија “Makeup by Meri”-шминка и Александар-фризура, додека Ива Ѓошиќ беше задолжена за изгледот на сите вклучени статисти во видеото.
Спотот се очекува да излезе во најскоро време, а премиерно ќе биде претставен на Сателитската ИН Телевизија и естрадниот магазин Естрада плус.




