
Дакапо бенд соработуваат со голем број музичари од македонската естрада. Тие велат дека покрај работата, со повеќето од нив и се дружат. Покрај големиот број настапи низ земјава. Дакапо бенд најавуваат и нов проект кој ќе го реализираат во летниот период.
Дакапо бенд се релативно млади, но доста успешни на македонската естрада. При нивното гостување во емисијата “Промо”, истакнаа дека имаат одлична соработка со останатите бендови од Македонија, но најчесто со музичари од нивниот крај, Тиквешијата.
-Најчесто соработуваме со музичари од Тиквешијата, затоа што ние доаѓаме оттаму. Обично имаме потреба кога некој од членовите е отсутен па викаме на замена, ние одиме на замена. Покрај работата се дружиме и приватно, имаме дружби со музичари од целата земја. Сите сме академски музичари, а самото тоа допринесува да имаме пријатели музичари од цела држава.-истакна Горан, клавијатурист во Дакапо бенд.
Тие во моментов најчесто настапуваат во Кавадарци, Неготино, Демир капија и Ѓевгелија. За почетокот на летниот период имаат веќе закажани настапи во Скопје, а како што велат од бендот за среќа нивните настапи започнуваат да се шират насекаде низ земјава. Мими Јовановска, женскиот вокал на бендот вели дека за да се опстане како група најпрво мора да се почитуваат меѓу себе.
-За една група е многу битно да се има разбирање, пред се да бидеш човек. Сите ние си имаме наши обврски, но секогаш наоѓаме време да дојдеме на проба, да се дружиме и да работиме.-додава младата пејачка.
Дакапо бенд минатата година снимија проект со македонски народни песни, евергрини и екс ју хитови, во соработка со ИН Продукција. За летниот период тие најавуваат уште еден проект со најбарани македонски хитови.