После 13 години на музичката сцена се враќа Александар Талески. Неговата прва песна со наслов “Прости ми Мајко” ќе добие и спот кој го работи ИН Продукција.

Александар Талески, познат како вокал на групата Цакум Пакум од 90-тите години после 13 години се враќа на музичката сцена и тоа со авторска песна. Станува збор за доста емотивна песна со печалбарска тематика која што носи наслов “Прости ми Мајко”. Иако живее во Прага, Чешка, неговиот престој во Македонија меѓудругото го искористи и за снимање на спот во соработка со ИН Продукција. Снимањето се одвиваше во селото Штавица, Прилепско, а видеото ќе ја долови тажната приказна на песната.
-Песната е напишана со многу големи емоции и од моја страна е отпеана со големи емоции затоа што јас се пронајдов во таа песна и еден дел од таа песна е автобиографски дел од мојот живот. Многу луѓе кои што живеат во туѓина, наши иселеници, ќе се пронајдат во оваа песна. Не би раскажувал многу, ќе оставам гледачите сами да погледнат и слушнат за што се работи. Тоа е песна за сите мајки кои што имаат синови кои живеат далеку во туѓина.-истакна Талески во интервјуто за ИН ТВ.

“Прости ми Мајко” е дело на Флори Манев, а текстот го напиша Нена Дулева. Во песната учествува познатиот зурлаџија Џељо Дестановски, како и музичарите Алекс Петковски на кавал и Горан Мирковски.
-После 13 години со Флори Манев дојдовме до идеја ете за моја душа, да направи една спонтана песна за која воопшто не планиравме дека ќе се роди толку прекрасна песна, таква мелодија. Главен иницијатор за мојот камбек е Флори Манев. Откако се видовме во Пловдив, се договоривме спонтано, не беше со некоја намера и цел. Рече ќе ти направам песна и вистина тоа се случи. Песната е направена пред 10 дена, аранжман, снимена во студиото и еве денес снимивме и спот.-вели Александар за естрадниот магазин Естрада плус.

Тој додава дека во следниот период ќе сними уште неколку песни и видео записи надевајќи се дека на голема врата ќе се врати на македонската естрада.





