
“Претходната година ми донесе слободно време во кое можев да седнам на клавир и да компонирам нови песни.”-вели познатиот пејач Ѓоко Јовиќ во неодамнешното интервју за ИН ТВ. Тој открива дека во најскоро време ќе следува и нова песна која е во соработка со Лазар и Ена Цветковски.
Пред само два месеци ја промовираше неговата најнова песна насловена “Прелетај соколе” и тоа заедно со официјален спот кој што го изработи ИН Продукција, а веќе најавува нови авторски песни.
Ѓоко Јовиќ во интервју за ИН ТВ вели дека слободното време кое што го имаше во изобилство во претходната година го искористи за компонирање на нови песни. Покрај овие песни кои што ги направил тој самиот на неговиот клавир, подготвува уште една убава композиција заедно со познатиот тандем Лазар и Ена Цветковски.
-Јас работам нон стоп. Сега би сакал да кажам за 2020-та година. Таа година ми донесе еден убав момент кој што никогаш можеби не сум го имал тоа. Едно слободно време во кое кога сакам можам да седнам дома на клавир и да искомпонирам нешто, да ми дојде идеја буквално во било кој момент во денот. Имам направено три песни, јас би ги нарекол од стариот стил на македонската музика и една нова песна која е насловена “Пустина”, а е дело на Лазар и Ена Цветковски. Таа се работи уште малку, да се досреди аранжманот, така да, за брзо време по ред ќе ги издаваме сите песни со видеа.-открива Јовиќ за гледачите на ИН ТВ.
Додека ги чекаме новите песни, посетете го јутјуб каналот на Ѓоко Јовиќ и уживајте со неговите бројни хитови и сплетови заедно со неговиот Енерџи бенд.
Инаку, Ѓоко Јовиќ важи за еден од најпознатите пејачи во Македонија, а зад себе има бројни хитовски песни кои одлично котираат и на македонскиот, но и на српскиот пазар.