“Чекај ме планино” е новата песна на Игор Андреевски за која што сними спот во околината на Маврово. Станува збор за доста емотивна песна во која е опеана голема љубов, која за жал завршила со разделба. Спотот е во соработка со ИН Продукција.
Игор Андреевски важи за доста млад пејач, кој напорно се труди и работи на неговата музичка кариера. Доста често уживаме во негови нови песни, бидејќи тој постојано снима нов материјал.
Така е и периодов. Игор деновиве сними спот за неговата најнова песна со наслов “Чекај ме планино”. Музиката и текстот за оваа песна се дело на Игор, а аранжманот е на маестро Златко Миладиноски.
-Во песната “Чекај ме планино” е опеана љубовта која што завршила со разделба. Момчето, тагата кон љубената ја раскажува на планината каде што го бара својот мир, но и утеха. Мислам дека со песната донесов една нова содржина и мелодија, а јавноста ќе има можност да слушне нешто поразлично од досега чуеното. Се надевам дека јас и Златко Миладиноски, кој го изработи аранжманот, како и сите други кои што учествуваа во овој проект, успеавме во нашата намера. Поздрав до сите, а наскоро очекувајте и уште една нова песна. Да пееме и посреќно да живееме.-порачува Игор Андреевски.
Игор за спотот соработуваше со ИН Продукција, па заедно со тимот професионалци одлучија видеото да биде снимено во околината на Маврово. Иако наидоа на тешки услови и многу снег, сепак Игор вели дека снимањето поминало во одлична атмосфера и било доста забавно.
-Не наидовме на потешкотии, снимањето се одвиваше одлично. Бевме на повеќе атрактивни локации во близина на Маврово. Откако ќе направиме промоција, очекувам песната да биде слушана и да се пее, тоа за мене ќе биде уште еден голем поттик за понатаму, да продолжам со снимање на нови песни. Морам да кажам дека тимот на ИН Продукција и овојпат својата работа ја заврши доста професионално за што сум им многу благодарен. Секако дека нашата соработка продолжува и понатаму.-додава Андреевски за естрадниот магазин Естрада плус.
Спотот се очекува да биде промовиран во најскоро време, а премиерно ќе биде претставен на сателитската ИН Телевизија.