Музичката атракција Zdrave Music деновиве интензивно работи на снимањето на видеоспотот за својата најнова песна насловена „Јаве и сон“, која уште пред премиерата предизвикува голем интерес кај публиката.
Станува збор за песна која носи силна емоција, модерен музички звук и летна енергија, а според најавите од тимот, се очекува токму оваа нумера да стане вистински летен хит што ќе се слуша насекаде.

Во видеоспотот, покрај членовите на Zdrave Music, учествуваат и десетина девојки, кои со своето присуство и сценска динамика дополнително ја збогатуваат визуелната приказна. Снимањето се одвиваше на интересна и атрактивна локација во Рамне, охридско – место од кое „на дланка“ се гледа целиот Охрид, што му дава посебна магија и впечатливост на спотот.
Организацијата за снимањето била на високо ниво, со сериозна подготовка, голем ангажман и професионален пристап од целиот тим. Остануваат уште неколку кадри да се доснимаат, по што следува финалната монтажа и подготовка за официјалната премиера.

Премиерата на спотот за „Јаве и сон“ наскоро ќе биде емитувана на Сателитската Телевизија IN, каде публиката прва ќе има можност да ја проследи новата музичка приказна на Zdrave Music.
Да потсетиме, покрај новите музички проекти, Zdrave Music во ноември оваа година заминуваат и на голема австралиска турнеја заедно со свои музички колеги, каде ќе настапуваат пред македонската дијаспора и љубителите на балканската музика.

Очигледно е дека за Zdrave Music следува период исполнет со многу работа, нови проекти и големи музички предизвици, а публиката со нетрпение ја очекува и песната „Јаве и сон“, која уште сега најавува сериозен хит.
