Бумбари бенд во соработка со ИН Продукција снимија видео проект за нивните нови кавери. Нивната идеја е да ја потсетат публиката на подзаборавените, а квалитетни македонски песни.
Запри запри виолино, Бузуко моја, Гоце Ѓоргија се само дел од песните кои ги препеаа членовите на Бумбари бенд. Тие за нивните најнови кавери решија да снимат и видео проект, во соработка со ИН Продукција.
-Дојдовме на идеја да ги обновиме на некој начин така што не се цели песните туку во вид на микс, строфа рефрен на познати песни. Едниот микс е во четири четвртински такт, а другиот во девет осмински.-вели Тони, еден од членовите на Бумбари бенд.
Како што велат од бендот нивната идеја е да ги обноват некои од веќе подзаборавените песни.
-Баш целта е таа, некои убави македонски песни кои малку се подзаборавени, затоа и дојдовме до таа идеја да снимиме баш од македонските песни. Да ги обновиме, затоа што сите тие се убави и квалитетни песни, познати но сепак заборавени малку.-додава тој.
Бумбари бенд периодов се ангажирани на голем број семејни веселби во нашата земја, а веќе се во преговори и за неколку турнеи надвор од Македонија. Тие се надеваат дека годинава ќе биде уште поуспешна и побериќетна од минатата.