Охрид ова лето повторно ќе биде главниот музички центар на Македонија. На 22 јули 2026 година, на градскиот кеј кај хотелот „Палас“, ќе се одржи јубилејното шесто издание на Етно Фест „Имат Немат“, настан кој прерасна во вистински празник на македонската народна песна, традиција и култура.
Фестивалот и оваа година ќе ја продолжи својата мисија – зачувување и промоција на македонското музичко наследство преку изведба на автентични народни, етно и староградски песни кои со генерации живеат во срцата на народот.
Публиката ќе има можност да ужива во настапите на голем број познати музички имиња меѓу кои: Елена Велевска, Елена Андонова, Елена Јовческа, Нарјан Коцев, Благојче Стојановски – Туше, Ташко Каранфиловски, Здраве Мјузик, Спасе Антевски,Иван Милевски , Игор Бежаноски, Кире Науновски, Александар Ицов и многу други изведувачи од Македонија и македонската дијаспора.

На сцената се очекува настап на повеќе од 20 изведувачи кои преку своите песни ќе испратат силна порака за љубов кон татковината, почит кон традицијата и единство на Македонците ширум светот.
Јубилејното издание ветува вечер исполнета со емоции, патриотски дух и незаборавна атмосфера покрај охридското крајбрежје. Илјадници посетители ќе имаат можност да уживаат во најубавите македонски мелодии, звуците на народните инструменти и песните што ја раскажуваат приказната за Македонија.
На 22 јули сите патишта водат кон Охрид, каде што македонската песна повторно ќе покаже дека живее, се негува и гордо се пренесува на новите генерации.
ЕТНО ФЕСТ „ИМАТ НЕМАТ“ – МЕСТО КАДЕ ШТО ТРАДИЦИЈАТА ПЕЕ, А МАКЕДОНИЈА СЕ ОБЕДИНУВА!
