
Кога од вашите 38 години 20 секојдневно ќе поминете со музиката а 15 со пренесување на целото знаење на децата , секој нов ден е нова инспирација за музичко зреење и оставање печат во времето. Ова е накусо приказната на неуморниот инструменталист м-р Александар Ицов кому изворната музика и инструментите кои ја раѓаат му се извор вода од која пие, но вечно жеднее за уште една капка, за уште една композиција.Тргнувајќи од кавалот, преку гајдата до зурлата, преку нетрадиционалните инструменти хармоника и тамбура Ицов умее, може и создава музичка плетка за чиста петка. Професор по музика, магистер по народни имструменти кој своето албумско првенче насловено како “Николова единаесетка” го создаде пред 4 години посветувајќи го на неговата прва рожба синот Никола. Музиката како уметност на композитотот му дава да допре недофатливи висини, давајќи си дел од битието додека везе со нотите кои ги носат негивиот здив и очи. Токму Ицов катадневно со своите инструменти тежнее да им даде живот по своја мера а неговите дела се прифатени од публиката со леснотија каква што посакува секој автор-артист. Неуморен работник, истражувач на музиката која од дамнина ја хранела душата на Македонија изминатиов период работи на нов проект кој ќе обедини дел од нашите пеачи за трагите на Ицов да бидат уште по длабоки уште по неизбришливи. Проект кој е насловен како “Александар Ицов и пријателите 2” , во кои Благоја Грујовски и Ѓоко Јовиќ со своите гласови ќе ја обојат музиката на Ицов. Ова е втора музичка епизода од проектот Александар Ицов и пријателите , по првата која беше со Спасен Силјановски и Елена Велеска. Во јануари Ицов го прмовираше и орото “Хармонична игра” а новиот проект планира да го заврши до месец мај. Сигурни сме дека оваа музичка новина ќе ја распее македонската музичка пролет.
