Ако сеуште не сте го погледнале видеото за новата песна на познатиот Охридски артист Вик Какаротски, веднаш направете го тоа.

Песната “Ах, тие очи зелени” дефинитивно го собра целото внимание на јавноста деновиве, а во овие тешки моменти поради корона кризата, Вик успеа да насмее и развесели многу лица.
Откако беше објавено на Австралиската ИН Телевизија, видеото на фејсбук достигна над 100 000 прегледи, а на нивниот јутјуб канал до овој момент има над 40 000 прегледи.
Секако дека ваква атрактивна песна, не смее да остане без официјално видео, затоа Вик веднаш се впушти на работа и на народот им подари и видео кое беше снимено во центарот на град Охрид. Истото за само неколку часа достигна над 14 ооо прегледи на неговиот јутјуб канал.
-Песната ја направив сам, музика, текст и аранжман. Во неа се зборува за едни очи зелени кои исто така се и неверни. Песната ја напишав пред година и пол, но ете помислив дека сега е идеалното време за да ја пуштам во етер. Јас сите работи ги правам случајно, ништо не планирам и кога бев на гости кај вас прво нешто што ми текна беше тоа дека имам една народна песна и сакав да ја промовирам тука. Не се декларирам како пејач, но во денешно време сите се декларираат како музичари бидејќи многу е лесно да си музичар, компјутерот прави чуда и кога секој може да биде музичар, можам и јас. Музиката ја гледам како забава и затоа ја направив оваа песна.-изјави Какаротски во ексклузивното интервју за ИН ТВ.

Како што вели тој за Естрада плус, за него е битно оваа песна да допре до срцата на нашите иселеници и каде и да се наоѓаат низ светот да се чувствуваат пријатно бидејќи се далеку од нашата татковина.
Откако беше објавено видеото кое го сними во ИН ТВ, меѓу бројните коментари имаше и прашања до Вик од неговите фанови околу неговиот стајлинг. Во интервјуто тој открива кој се погрижи околу тоа.
-Овие пантолони ги купив некаде пред 4-5 години, каубојките ми се поклон од фамилија Фармаковци, поздрав до нив. Сакото ми е од втора рака, го купив 200 денари и многу сум горд на тоа, машната ја купив исто од втора рака 30 денари, шамијата ми е поклон од мојата баба Дука, а кошуљчево го носев на полуматура. И да не заборавам да го поздравам Владимир кој ми ги позајми наочарите.-раскажува Вик, за естрадниот магазин.

Засега уживајте во хит песната “Ах, тие очи зелени”, а со што ќе не изненади Вик Какаротски во периодот кој следува, останува да видиме!!!
