Деновиве го промовираа нивното прво инструментално дело, орото Марифет Елено, а веќе најавуваат нова авторска песна. Група Марифет периодов работат со полна пареа и со бројни ангажмани и настапи во Прилеп, но и во другите градови низ Македонија.
Нова песна најавуваат момците од група Марифет. Тие при интервју за ИН ТВ истакнаа дека песната е скоро готова и дека во најскоро време ќе ги почестат гледачите со ново дело.
-Додека се изготвуваше орото и се правеше спотот, ние активно размислувавме и веќе сме во процес на изработка на нова песна која верувам за скоро ќе излезе во етер и верувам дека заедно со вашата ИН ТВ повторно ќе направиме промоција.-открива Кире, за естрадниот магазин “Естрада плус”.
Периодов, како што велат од бендот имаат и бројни настапи низ локалите во Прилеп, но не изостануваат и ангажманите низ другите градови во земјава.
-Ангажирани сме секој викенд, поточно петок и сабота, но максимално сме ангажирани. Повремено излегуваме малку од границите во Прилеп, одиме Битола, Крушево, Скопје, малку како за промена. А сега имаме и доста понуди за предновогодишните забави, сега тоа е актуелно.-вели Тоде Илиевски.
Инаку, тие деновиве го промовираа спотот за нивното првенче кое носи наслов “Марифет Елено”. Спотот имаше официјална промоција во познат локал во Прилеп, а го изработи ИН Продукција.