
“Сон печалбарски” е насловена песната која големиот фолк пејач Благоја Грујовски ја пее со посебен епитет
кон родниот крај, Реканскиот. Токму за оваа песна Благоја деновиве снимаше и видео запис на прекрасниот пејсажен предел во Центар Жупа. Имено спотот се симаше во речиси повеќето селски средини кои се вткаени во овој недопрен планински предел, а Благоја беше пречекуван како голема ѕвезда кај жителите од овој крај.
-Успеавме конечно да ги снимиме сите замислени кадри и идеи за видеото за песната “Сон печалбарски”, песна посветена на Жупа и веќе можам да кажам дека имаме доволно материјал и наскоро ќе го видиме и тоа ново издание на песната во видео издание, истакнува Благоја.
Инаку, Благоја потекнува од овој рекански крај, поточно од Лазарополе при што оваа песна има на некој начин посебно место вонеговата фонотека, како и видео записот од кој очекува преубаво да се вклопи во целата финална снимка.
-Центар Жупа е предел со доста Живописен крај а се наоѓа помеѓу планината Стогово и Дебарското езеро во еден преубав амбиент. Во видеото се снимени неколку девојки во носии од повеќе места на Жупа, така што очекувам еден многу колоритен и убав видео запис. Снимавме најнапред во Голем и Мал Папрадник, потоа снимавме во Коџаџик, снимавме и во Броштица, а исто така направивме и убави снимки во самото езеро на едно мало островче, додава Благоја.
За истакнување е тоа што идејата за снимањето на овој спот е на еден близок пријател на Благоја кој потекнува од селото Папрадник, а живее во Италија, Биљким Османовски, македонец кој е успешен бизнисмен. Додека пак а како комплетен автор на песната се јавува Јане Рафајловски, долгогодишниот музички соработник и кумашин на Благоја Грујовски.