
“Велат не нема” песна која со голема брзина постана хит и постојано е објавувана буквално од секој македонец по социјалните мрежи. Изведувачот, Влатко Миладиноски не го крие задоволството од сето тоа , најповеќе поради фактот што песната е еден од најголемите хитови во моментов.
-Многу сум среќен, ми е драго што песната испраќа многу силна порака. Искрено стојам позади таа песна, сум горд што ја снимив и испеав таа песна. Се надевам дека ќе го продолжи тој пат што си го почна да го оди самата песна, вели Влатко.
Влатко открива и тоа дека во изминатиов период откако песната ја отпеа на годинешниот “Гоце Фест”, многупати помислувал да сними видео запис за оваа песна и среде Солун, впрочем како што пее во песната.
-Да бидам искрен, тоа сум го спомнал неколку пати уште пред да ја снимам, кога ја слушнав, веќе ја имав замислата за спот. Се спомнува Солун, Драма, Кавала, Кукуш, Воден, сите тие прекрасни места во Егејска Македонија, ако веќе снимам спот ќе се снима на тие места. Ако не успееме, тогаш ќе останеме со снимката од фестивал, меѓутоа јас сум секогаш оптимист, мислам дека како што се досега се реализирало, тоа ќе се реализира баш така како што го имам замислено, вели Влатко, додавајќи дека самата песна кажува како треба да биде сето тоа, без никакви импровизации.
Влатко Миладиноски заедно со својот брат Златко неодамна снимија наменски видео проект низ кој вметнаа и нови песни покрај големите хитови, кои допрва треба да бидат позитивно прифатени од публиката.