Орото “Охридска чалгија” од Гоце Џуклески, кое е снимено пред 20-тина години конечно ќе си добие видео запис. Снимањето кое се одвиваше во Охридски ресторан помина во одлична, пријатна атмосфера, во соработка со ИН Продукција.
Гоце Џуклески деновиве сними видео запис за неговото оро со наслов “Охридска чалгија”. Орото е снимено пред 20-тина години со чалгиите при оркестарот на македонска телевизија.
-Би рекол ете пред извесен период со мојот внук кој е магистер по музика и којшто работи одлични аранжмани и обработки се договоривме тој да направи на мојата музика и на тоа оро да направи еден нов поглед, едно ново видување и тоа го направи многу професионално прекрасно звучи орото. Всушност се работи за обработка и во таа обработка тој меѓудругото внесе и џез елементи. Кога велам џез елементи значи пред се македонски фолк, односно џез елементи кои се врзани со македонскиот фолклор. Навистина многу интересно звучи и јас се надевам дека публиката којашто има можност да слушне, дека ќе даде би рекол позитивна рецензија.-истакна Гоце.
Гоце е презадоволен од снимањето на видео записот кое се одвиваше во Охрид, а не го криеше и задоволството од соработката со ИН Продукција.
-Снимавме во познатиот ресторан Билјанини извори во една пријатна атмосфера и со вашиот раководител на оваа прекрасна телевизија и со моите колеги. На некој начин се забавувавме кога снимавме и тоа време барем мене а се надевам и на другите ни помина многу брзо во една релаксирана атмосфера, опуштено со шеги и навистина пријатно беше чувството.-додава Џуклески.
Тој премиерно во новата емисија “ПРОМО” на ИН ТВ ги промовира двете најнови цд-а, од кои едното е со Свадбарско-естрадни ора, а другото цд носи наслов “Балади за вечна љубов”.