Младиот Игор Андреевски има преголема љубов кон музиката особено кон народната песна за која се одлучи да ја пее и негува. Помеѓу другото тој студира на музичкиот факултет отсек за пијано при што успева да ги поврзе овие две музички работи во едно.
-Љубовта кон пијаното ми беше лично моја, но пред се од мојата мајка. Најпрво почнав да одам во нижо музичко училиште, каде што се запознав со музиката, поточно со класичната музика. Потоа почнав со македонскиот музички фолклор, па така запознав и некои работи за нашиот фолклор и сеуште си ја терам работата со клавирот, пред се ќе бидам Дипломиран пијанист, истакнува Игор.
Со оглед на тоа што клавирот се вбројува во редот на класичната музика а Игор се повеќе го влечи народниот мелос, тој на мошне умешен начин успева да ги соедини тие две музички работи.
-Засега ми оди супер. Двете работи одат солидно. Тешко е пред се да оди и факултет и другиот жанр, но успевам некако да ги усогласам работите како што треба, додава Игор.
Игор неодамна во соработка со ИН продукција реализираше мини видео музички проект во кој ги отпејува неколку познати македонски песни. Тој за следно најавува и снимање на нова авторска песна.
