МУЗИЧКИОТ ЧУВАР НА ТРАДИЦИЈАТА НЕ ЗАПИРА: ГОЦЕ ЏУКЛЕСКИ ГО ПРОМОВИРА 26. АЛБУМ „ЗВУКОТ НА КОРЕНИТЕ“

Please follow and like us:
Pin Share

Македонската народна музика доби уште едно вредно и автентично музичко дело. Познатиот композитор, инструменталист и маестро Гоце Џуклески деновиве го претстави својот најнов музички албум со наслов „Звукот на корените“, проект кој претставува вистинска ода на македонската традиција, културно наследство и музички идентитет.

Со ова издание, Џуклески го заокружува својот 26-ти музички албум во богатата и плодна кариера, потврдувајќи ја уште еднаш својата посветеност кон зачувувањето и афирмацијата на македонскиот народен мелос. Неговиот препознатлив музички израз, кој со децении ја воодушевува публиката, и овојпат носи силна емоција, виртуозност и длабока почит кон корените од кои извира македонската музичка традиција.

„Корените зборуваат најгласно, а најчесто се слушаат токму преку музиката и традицијата“, вели Џуклески, чија творечка мисија со години е насочена кон негување и збогатување на македонското културно наследство.

Албумот е издание на „Рекордс Сенатор“ од Битола, а во неговата реализација учествуваат врвни музички професионалци и долгогодишни соработници на Џуклески – Дамир Имери, м-р Сашо Ливрински, Славко Ристески и м-р Наум Џуклески, кои се потпишуваат како аранжери на инструменталните композиции. Посебен белег на албумот дава и гостувањето на афирмираниот кларинетист и професор по музика, м-р Благојче Трајковски.

Во текот на својата богата кариера, Гоце Џуклески изгради препознатлив музички стил кој успешно ги спојува традиционалните вредности со современиот пристап во обработката на народната музика. Неговите ора и композиции одамна ги надминаа границите на Македонија и се изведуваат и слушаат ширум светот, каде што живее македонската дијаспора.

Бројните признанија, награди и благодарници од домашни и меѓународни институции се само потврда за неговиот огромен придонес во македонската музичка култура. За неговото творештво се реализирани повеќе документарни и музички емисии, а стручната музичка јавност редовно го вбројува меѓу најзначајните современи творци во областа на народната инструментална музика.

Но, творечкиот пат на Џуклески продолжува со несмалено темпо. И оваа година тој ќе биде дел од повеќе музички фестивали, меѓу кои и реномираниот „Охрид Фест – Охридски трубадури“, каде повторно ќе ја претстави својата авторска работа.

Покрај новиот албум, во подготовка е и значајно музичко издание – книгата „Авторски ора од Гоце Џуклески“, која се реализира во соработка со м-р Сашо Ливрински. Во неа ќе бидат објавени дури 75 авторски ора, претставувајќи комплетна документација на неговото досегашно инструментално творештво. Станува збор за капитално дело кое ќе има огромно значење за музичарите, истражувачите, студентите и сите љубители на македонскиот и балканскиот фолклор.

Во меѓувреме, Џуклески работи и на новата вокално-инструментална композиција „Плаче зората“, создадена во соработка со познатиот текстописец Милчо Јованоски, а во изведба на Боби Поповски, пејач препознатлив по својот кадифен вокал и музичка емоција.

Со „Звукот на корените“, Гоце Џуклески уште еднаш потврдува дека еден од најголемите чувари на македонската музичка традиција. Неговата музика не е само уметност – таа е сведоштво за минатото, мост кон сегашноста и порака до идните генерации дека македонскиот мелос ќе продолжи да живее и да одекнува низ времето.

Музичкиот брод на Гоце Џуклески и понатаму сигурно плови низ бескрајните пространства на уметноста, носејќи го со себе највредното богатство – звукот на македонските корени.

Please follow and like us:
Pin Share