
Голем број музички имиња од македонската фолк естрада, настапија на годинешното издание на “Лешочкиот Фолк фест” кој се одржа во манастирскиот комплекс Св. Атанасиј и Пресвета Богородица во Лешок. Присутните гости имаа можност да слушнат познати, но и нови рефрени со лирска, печалбарска и родољубива тематика.
Во прекрасниот амбиент на манастирскиот комплекс Св. Атанасиј и Пресвета Богородица, пред голем број македонци од нашата земја и дијаспората, се одржа престижниот “Лешочкиот Фолк фест 2019”. Реномирани и докажани македонски фолк пејачи, пред публиката претставија песни во духот на македонската фолклорна традиција. Еве што истакнаа за гледачите на ИН ТВ, дел од нив.
-Настапив со “Македонија”, убава родољубива песна за нашата земја. Сакам да напоменам дека соработката беше со мои драги колеги, музиката и текстот се на Дејан Стоев, а аранжманот го изработи Јане Дунимаглоски. Испадна една убава песна за овој убав фестивал на Лешок што јас многу го сакам и сакам да сум дел од него секогаш. Јас најмногу сакам кога се ревијални, кога не се со награди. Секој да си настапи и да покаже што знае.-истакна Лени Партикова, за естрадниот магазин Естрада плус.
На фестивалот настапи и фолк пејачката Вера Трајкоска, која живее и работи во Мелбурн, Австралија, не криејќи го задоволството од тоа што имаше можност да настапи пред македонската публика.
-Прекрасно се чувствував кога ја испеав оваа песна пред македонската публика тука во Македонија, на сцената во Лешок. Организацијата е одлична. Не бев во план да пеам бидејќи сум бремена, но Сузана Спасовска ми се јави и не можев да ја одбијам и да не дојдам.-вели Трајкоска.
-Супер поминува оваа вечер. Годинава сум по втор пат тука, лани бев за прв пат и навистина ми се допаѓа овој фестивал. Многу е добро, се дружиме, пееме, се оди супер. Настапив втор по ред, а песната се вика “Ѕвездо моја, кажи ми”. Песната е балада, снимена кај Дејан Миленковски и испадна супер.-раскажува младиот и талентиран пејач Христијан Ивчев.
Што се однесува до организацијата, Ивчев вели дека секоја година е се подобро и подобро, кога се во прашање директорите Борче и Сузана кои навистина се трудат фестивалот да биде одличен.
И се разбира ниту еден фестивал не може да помине без неговиот настап, бидејќи ги има најдобрите песни, но и извонреднулас. Далибор Ѓошиќ на “Лешочкиот Фолк фест” настапи со песната “Љубов голема”.
-Само што слегов од бината и ќе кажам искрено без разлика на временските услови овој народ навистина си ја сака својата песна и навистина е желен за вакви македонски песни преубави и фестивалски народни. Драго ми е што сум по трет или четврти пат веќе учесник, ако не и по ред и оваа година за овој голем празник, така да пресреќен сум што и вечерва сум тука и што се дружиме, па и можеме да споделиме прекрасни моменти од ова прекрасно место. Настапив со песната “Љубов голема”, која што ми е многу драга, а јас сум комплетен автор. Можам да кажам дека навистина се пронаоѓам во оваа песна, не само тоа дека е моја авторска, таа отсликува дел од мојот живот како и некои од моите песни од албумот “Животе мој”. Така да, би сакам да кажам дека навистина имам желба за оваа песна да направам спот затоа што мислам дека со оваа тематика има многу што да се покаже пред камерите.-вели Ѓошиќ, при интервјуто за ИН ТВ.
Познатата фолк пејачка Милица Кузмановска, истотака беше дел од овој фестивал, а таа овојпат настапи со песната “Љубовна”.
-Само што завршив со настапот и да бидам искрена со нетрпение го очекував. Некако оваа година мислам дека од досегашните настапи на Лешок, оваа песна некако ми беше повеќе при срце. Нормално дека сите песни си ги сакам, меѓутоа оваа беше некако многу емотивна, полна со емоции, мој сензибилитет тоа што сум јас и навистина прекрасно се чувствував овде. Амбиентот е фантастичен, публиката е фантастична, значи само најубави зборови.-изјави Кузмановска, веднаш по нејзиниот настап.
Инаку, фестивалот е од ревијален карактер, а се одржува во соработка со Тетовско-Гостиварската епархија при Македонската православна Црква-Охридска Архиепископија. Организатор е Здружението за негување на македонскиот фолклор и традиција, а директорите на фестивалот Сузана Спасовска и Борче Брзанов и овојпат се погрижија музичкиоот избор да биде на највисоко ниво.
-Како и секоја година, традиционално тука сме да пееме и да го дочекаме овој голем ден, Нека е за многу години. Да се дружиме бидејќи тука на нашиот фестивал нема награди, нема лутење, има само многу љубов, многу дружење и многу насмеани лица. Ревијален е бидејќи пред Господ сме сите исти. Токму на ова место тука каде што стоиме додека сме на фестивалот ние сме пред Господ исти. Ние сме луѓе и ние сме тие кои што треба да се почитуваме и сакаме, не да се расправаме и да се наддаваме кој повеќе ќе даде па тој да биде прв. Кај нас сите се исти кои што ќе застанат на сцената и оние кои што се легенди, а секогаш ги имаме, но и оние кои се на почетокот од својата кариера. Така да, многу сме среќни поради она што го правиме, бидејќи ова е единствениот фестивал во овој дел на Македонија и покрај тоа што е многу тешко да се опстане ете ние опстојуваме веќе долги години.-вели во интервјуто за ИНТВ, Сузана Спасовска.
Медиумски покровител на “Лешочкиот Фолк фест ” беше сателитската ИН Телевизија.