
Откако ќе се врати во Мелбурн, продолжуваат неговите ангажмани на семејните прослави заедно со Легато бенд. Марјан Васкоски престојот во Македонија го искористи максимално, а крајот на месецов заминува за Австралија.
Марјан Васкоски е вокал на Легато бенд од Мелбурн, Австралија. Тој летниот период го искористи да дојде во Македонија и да сними самостоен видео проект кој се состои од познати македонски свадбарски песни. При интервјуто за ИН ТВ, Марјан истакна дека откако ќе се врати во Австралија, продолжуваат ангажманите заедно со неговиот бенд.
-Настапувам со Легато бенд во Австралија. Кога ќе се вратам, продолжуваме онаму каде што застанавме, затоа што овој период таму е зима, нема многу свадби и веселби, значи само што ќе се вратам доаѓа пролетта, доаѓаат свадбите, крштевките, веридбите, многу балови за различни подрачја каде што ги има нашинците.-вели Марјан, за естрадниот магазин Естрада плус.
Васкоски вели дека престојот во нашата земја го искористил максимално, а издвоил време и за кратко патување низ Европа.
-Во Македонија сум до крајот на месецов и заминувам, времето е веќе кратко и ги бројам деновите. Го искористив престојот максимално, имав прекрасно време, малку прошетав и низ Европа.-додава тој, при интервјуто.
Инаку, тој настапи и на фестивалот за Избор на Летен фолк хит, кој се одржа во општина Новаци, каде што имаше можност да се дружи со неговите колеги од македонската естрада.