
Милица Кузмановска летниот период го искористи за убаво да се одмори и да се види со нејзините пријатели и роднини кои живеат надвор од земјава, а ова лето се дојдени во родниот крај. Нејзините работни ангажмани започнуваат деновиве, а агендата за следниот период е веќе полна.
И покрај тоа што поголемиот дел од македонските музичари во летниот период имаат бројни ангажмани и настапи, некои од нив убавото и топло време го користат за убаво да си се одморат и да наполнат батерии за следните ангажмани. Фолк пејачката Милица Кузмановска ова лето го искористи на најдобар можен начин, а освен тоа што се одмори, вели дека имала и доста слободно време за да се види со нејзини пријатели и роднини кои овој период го користат да се вратат во родната земја.
-Сега би се очекувало од мене да кажам дека летото помина многу работно, меѓутоа ова лето не беше така. Повеќе бев со гости и роднини од странство, така порелаксирано во однос на некои други години. Меѓутоа кај нас е така, некогаш кога имаме работа имаме континуирано со месеци, па потоа имаме периоди на пауза. Ова лето искрено да кажам ми беше многу убаво, не многу работно па повеќе време имав за дружење и релаксација.-истакна Кузмановска, при неодамнешното интервју за ИН ТВ.
После убавиот одмор ова лето, Милица веќе започнува и со работниот дел, а нејзината агенда за следниот период е пополнета со голем број настапи и концерти низ земјава.
-Следно сум на 29-ти, тоа е едно скопско село Црешево и задоволство ми е што за првпат ќе настапувам таму, бидејќи тоа е една ревија на народни носии и таа традиционално се одржува и публиката која што доаѓа има можност да ги види сите народни носии од нашите краеви кои што се застапени низ цела Македонија, тоа е едно големо културно богатство. Мило ми е што ќе настапувам таму со две изворни песни и со еден поспецифичен оркестар со акустични инструменти, па мислам дека впечатокот ќе биде навистина убав да чуе малку еден поинаков звук, една поинаква интерпретација.-додава таа, за естрадниот магазин Естрада плус.
А кога станува збор за нови песни, Милица вели дека засега нема да снима нешто ново, ќе остави простор да заживее песната “Љубовна” со која што настапи на годинешното издание на “Лешочки фолк фест”.