Еден од најпознатите македонски пејачи, Драган Величковски-Тајзи, минатата недела доживеа вистина драма на скопскиот аеродром.
Тој деновиве на социјалните мрежи откри дека поднел тужба и во детали го објасни целиот немил настан.
-Чекав на гејт, и многу брзо по оставањето на багажот, слушнав на врска дека ме бараат итно да се спуштам пред влезот на авионот, бидејќи имало голем проблем со мојот куфер. Сакаа мене да ме обвинат, да ме наместат дека наводно сум носел нешто запаливо. Во куферот имав гардероба за настапот во Швајцарија и лекови за хронични болести, кои секогаш ги носам со мене каде и да одам и никогаш немало никаков проблем и ништо од тоа не е забрането за транспорт. Знаев дека има некоја заднина, дека се обидуваат да скријат нешто и по брза постапка да ја замаглат вистината“, раскажува Тајзи, додавајќи:
-Крајно непрофесионално однесување од страна на вработените при што дојде до голема расправија и летот доцнеше 20 минути поради тоа. Ми кажаа дека ако сакам да направиме записник ќе морам да останам во Македонија и да не летам. Ми направија дополнителен стрес, иако имам клаустрофобија и фобија од летање. Но не можеш да спречиш човек да го направи она за кое што живее. Отидов со црна кеса за ѓубре во Базел со оштетена гардероба на аеродром и пак професионално го изработив настапот во Берн, на кој имаше над 1.000 луѓе. Направивме одлична забава заедно со уште неколку колеги од македонската естрада.“
Очигледно вината е во некој друг, а не во пејачот, кој што вели дека парите од тужбата ќе ги донира во хуманитарни цели.
-Кога се вратив во Македонија, го пријавив случајот кај надлежните служби на аеродромот и почна да се расветлува. По истрагата која ја спровеле, всушност, вработените го прегазиле куферот со камиончето за транспорт на багажот и го влечеле под него до авионот, а неколку од вработените кои веројатно имаат одговорност за да не поднесам тужба токму поради тоа ми се нафрлија да ме убедуваат дека ја сум виновен. Многу патници видоа што се случуваше пред авионот и каков стрес и штета ми направија. Заминав така без лекови и оштетена гардероба, да не зборуваме за нарушен углед и права, пак ќе напоменам, со црна кеса за ѓубре. Ќе поднесам тужба до TAV и WIZZ AIR и ќе барам обештетување за ова, и сите виновни да бидат санкционирани. И покрај се’, јас сум само борец за вистината и слободата, а вие ако сте голема компанија ќе реагирате. Сите финансиски средства ќе ги донираме хуманитарно за девојче кое боледува од церебрална парализа и е на лечење со матични клетки во Русија. Ако има барем некој победник во сево ова, нека биде таа… Поздрав од Пироманот“, завршува Тајзи.
Што ќе се случува понатаму и дали правдата ќе биде задоволена, останува да видиме во следниот период.