
Наум Џуклески доста ангажиран во неговото музичко студио. Тој во моментов работи на повеќе проекти со познати групи и музичари. Оваа година ќе го реализира и неговиот проект Наум и пријателите кој ќе биде во соработка со голем број познати музички имиња од нашата естрада, како Ристе Ристески, Милица Кузмановска, Сузана Спасовска, Милован Секуловски и други.
Наум Џуклески веќе една година не се појавува низ охридските локали и јавни настапи. Како што истакна тој ова се должи на зголемениот обем на работа во неговото музичко студио, бидејќи работи на повеќе проекти.
-Па малку се повлеков од живите настапи поради моето ангажирање повеќе во музичкото студио. Значи во моментов работам на повеќе проекти, работев на еден проект со мојот стрико Гоце Џуклески, направивме едно прекрасно оро кое се вика Љубовна белегзија на негова музика, мој аранжман го снимавме во моето студио.-вели Џуклески.
Покрај проектот со неговиот стрико, Наум во моментов работи на уште еден проект со момците од Охридскиот Селект бенд. Инаку веќе започнати се активностите за реализација на неговиот етно проект кој ќе биде со наслов “Наум и пријателите”.
-Снимени се две од нумерите, една композиција од нив е снимена со Мирко Вретоски. Велам композиции затоа што тоа се вокално инструментални композиции направени малку со модерни аранжмани. Се работи за стари македонски песни, но со нови обработки.-додава тој.
Тој проект ќе биде збогатен со прекрасните вокали на повеќе познати пејачи од македонската естрада меѓу кои Ристе Ристески, Милован Секулоски, Милица Кузмановска, Сузана Спасовска, Кирил Белистојаноски и други.