Благојче Стојановски – Туше и Ташко Каранфиловски ја споија музиката со животната приказна и ја претворија во нов дует насловен „Куме“ – песна што носи силна емоција, пријателство и вистински македонски мерак. Она што овој проект го прави уште поавтентичен е фактот дека двајцата пејачи не се само музички партнери, туку и кумови и во реалниот живот.

Видеоспотот за песната се снимаше во амбиентот на познатиот етно ресторан „Дедо Димо“ во Куратица, локација која со својата традиционална атмосфера совршено се вклопи во приказната што ја раскажува песната. Во спотот учествуваат повеќе статисти, кои со својата присутност му дадоа дополнителна живост и автентичен дух на целиот проект.

За визуелната реализација беше задолжена IN продукција, која уште еднаш покажа професионалност и чувство за детал, создавајќи спот што зрачи со топлина, традиција и пријателство.
Промоцијата на дуетот „Куме“ се очекува наскоро на сателитска телевизија, а љубителите на македонската песна веќе со нетрпение го очекуваат овој проект, кој ветува да стане вистински хит на веселбите и славјaта.
Со „Куме“, Туше и Ташко уште еднаш докажуваат дека кога музиката доаѓа од срце – таа најсилно се чувствува.

