Македонската уметница Виолета Арсовска оствари значаен меѓународен успех освојувајќи второ место – сребрен медал на престижното музичко натпреварување „International Moscow Music Competition“, кое се одржа во Москва, Русија.
Арсовска беше единствената претставничка од Македонија во возрасната категорија од 36 до 45 години, со што нејзиниот успех добива уште поголемо значење. Со својот извонреден настап таа успеа достојно да ја претстави нашата земја и да донесе радост кај домашната публика.
На натпреварот се претстави со внимателно одбран репертоар, изведувајќи неколку од своите омилени композиции, меѓу кои „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ и легендарната „Подмосковние вечери“, освојувајќи ги срцата на жирито и публиката.
По објавувањето на резултатите, Арсовска емотивно сподели на социјалните мрежи:
„Стигна сребро од Москва. Со особена чест ја споделувам дипломата и резултатите. Благодарна сум за ова признание и силно мотивирана да продолжам понатаму.“
Овој успех претставува уште една потврда за квалитетот и талентот на македонските музички уметници на меѓународната сцена и гордост за Македонија.

