Александар Ицов заедно со својата екипа викендов направи вистински музички спектакл во Дортмунд, Германија, каде настапи на покана на Македонската православна црква „Св. Кирил и Методиј“. Настанот помина во одлична атмосфера, исполнета со македонска песна, емоции и силна поддршка од нашата дијаспора.
Покрај Ицов, на сцената настапија и Стојне Николова и Благоја Груевски, кои со своите изведби дополнително ја загреаја публиката и придонесоа за вечер што долго ќе се памети. Се пееше, се играше и се славеше до доцна во ноќта, а Дортмунд барем за миг се претвори во мало парче Македонија.
Александар Ицов на својот официјален профил сподели фотографии и видеа од настапот, откривајќи ја фантастичната атмосфера и енергијата која владееше меѓу присутните. Коментарите и реакциите не изостанаа – публиката воодушевена, а дијаспората уште еднаш покажа колку ја сака и поддржува македонската музика.
Овој настап доаѓа во вистински момент, бидејќи Александар Ицов ги прави последните подготовки за големата австралиска турнеја, закажана за почетокот на февруари. Во рамки на турнејата, тој ќе настапи во повеќе големи градови низ Австралија, каде македонската дијаспора со нетрпение го очекува.
По спектаклот во Германија, јасно е дека Ицов во Австралија оди во врвна форма – подготвен да ја понесе македонската песна и таму, како што знае и умее само тој.
