Алтернатор” во музички погон 30 години

Please follow and like us:
Pin Share

Ако алтернаторите генерираат електрична енергија , единствениот наш македонски, битолски ” Алтернатор ” музички е во погон цели 30 години. Дома, по Европа, по светот. Пеејќи за љубовта,  далечините,  убавините, за животот. Денес составен од шестмина  шармантни, одлични, уметници,  музичари , секој од нив владател на својот инструмент, глас. Тие си имаат сопствена животна приказна, а музичката ја раскажуваат заедно , обединети под името “Алтернатор”. Илче Ристевски  дувачки инструменти, Александар Петровски гитара , Љупчо Недановски хармоника , Горан Лазаровски Лазар ударни инструменти , Пеце Ристевски клавијатура и Мартин Стојаноски вокал. Во овие 3 децении составот се менувал доаѓале едни, заминувале други , некои се тука од 1994 , а желбата да се опстане и остане  била посилна од се. И година по година, песна по песна, алтернаторци во оваа 2024 слават убава триеска. Зад себе имаат 2 албуми , недоброј настапи, ќеиф спомени, мерак километри.. Реткост е една група да функционира толку долг период,  ни на половина рака не може да се набројат бендовите кои во годините имаат двоцифрен број што започнува со тројка. Во последниве три години групата Алтернатор  сними и три нови песни што е за поздрав. Во 2022 на публиката и ја подарија “Златна свадба” , година подоцна нa ” Прилеп фест” ја испеаја “Со тебе до крајот”, а во март годинава со “Малина” беа дел од 24 -тото издание на “Роса фест”. Од 2021 го имаат прилепчанецот Мартин Стојаноски како пеач и фронтмен . Со влезот на Стојаноски алтернаторци направија  вистински погодок и избор . Харизматичен, енергичен, одличен вокал и што е најбитно , умее Мартин со публиката. Да ја разбуди, подигне, задржи, да испее се , ама баш се. Токму затоа на сите нивни свирки, настапи секогаш се бара место плус. Професионалци до максимум кои функционираат компактно, силно , впечатливо или ” Сите за еден, еден за сите”. Како бенд на секој сценски настап слеано дотерани, стилски “скоцкани” со што покажуваат на уште еден начин почит кон публиката. Периодов активни на неформални забави , а по Велигден свадбите се нивни. Неодамна гостуваа во македонското талентн шоу во ИН ТВ и меѓу останатото, најавија концерт како  музички времеплов за нивните 30 лета. Им посакуваме да си прослават и златни 50 , да им се множат песните, публиката и годините. Гледајте го нивниот настап на ИН ТВ ова сабота во Македонското талент шоу.

Please follow and like us:
Pin Share