ТАЈНАТА НА ЛИСТАТА ЗА НАЈКОРИСТЕНИ ДЕЛА ЗА 2019 ГОДИНА Почитувани автори, Јас Ефто Пупиноски на 22.02.2022 година поднесов оставка на местото член на Надзорен одбор на ЗАМП. Во оваа прилика накратко ќе ви образложам за две од многуте причини заради кои ја поднесов оставката. 1. Ќе зборувам за важноста на навременото и објективно известување како едно од човекови права во општеството. Бегањето од јавноста и нетранспарентноста сами по себе подразбираат и наведуваат на незаконско работење и однесување. Уште на почетокот да објаснам: а) во Статутот на ЗАМП во член 2 стои дека работата на здружението е јавна; б) во Деловниците на управните органи стои дека седниците на овие органи се јавни. (Доказ Статут на ЗАМП и Деловници на управните органи)Во повеќедецениската работа на ЗАМП овие законски решенија никогаш не се почитувале. Наместо документите на членовите на Надзорниот одбор да им се доставуваат најдоцна три дена до почетокот на седницата (онака како пишува во Деловникот), тие се доставуваат на почетокот на седницата и тука на лице место што ќе прочиташ – ќе прочиташ, што ќе кажеш – ќе кажеш, ќе потпишеш и седницата завршува. По Деловникот на НО, јас како член на НО треба да имам пристап до СИТЕ документи како би можел да го извршам надзорот (Доказ – Деловник на НО). Во практичното работење на ЗАМП тоа не е ни оддалеку така. Таму владее вистинска цензура во смисол „овој документ можеш да го видиш, а оној не“, „за она може да зборуваме, а за другото не“. Се наметнува заклучокот дека некој во ЗАМП со десетици години нешто крие. Ќе настапам сликовито за да покажам каква е можноста авторите да се информираат за работата на ЗАМП. Ако отвориме на веб страницата на Владата или на веб страницата на Програмскиот совет на МРТ и ако побараме податоци од некоја седница ќе ги најдеме. Но ако некој автор побара податоци за работата на управните органи во ЗАМП ќе наиде на празна табла, нема ниту седници, ниту одлуки, ниту заклучоци, а ниту записници. Тотален информативен мрак. (Доказ – веб страна на ЗАМП) Така се поставува прашањето како авторот ќе се информира за прашања кои за него се важни ? Факт е дека голем број на членови на управните органи и по две децении успеваат да бидат бирани во повеќе мандати, па оттаму имам сомневање дека некои од нив функционираат врз клиентелистичка основа („ти мене – јас тебе, се разбира на туѓа сметка“). Тие структури ни случајно не се заинтересирани некого да го информираат, а особено не да откриваат злоупотреби и кражби на нашите авторски пари. 2. Тајната на листата за најкористени дела во 2019 година (Доказ листа). При првиот поглед на наведената листа се доаѓа до вознемирувачки и непријатен впечаток. Гледаш неколку имиња кои се далеку од познати автори ја окупирале листата со редица непознати песни. Во моментот заклучуваш дека тие на листата немаат ниту срам, ниту обзир, ниту усул, ниту компас во своите постапки и дека зад листата се кријат големи прашалници. Собранието на ЗАМП по основа на таа приложена листа на 06.11.2020 година донесе одлука да се поднесе кривична пријава против непознати лица кои се на листата. (Доказ – Одлука) За жал, тоа до ден денес не е направено. Остана прашањето зошто Претседателот на Собранието Борче Нечоски тоа не го реализирал ? Програмскиот совет на МРТ, за разлика од Собранието на ЗАМП, за истиот случај по службена должност многу професионално покренал постапка против вработен уредник во МРТ за злоупотреба на службената позиција. Тој господин е член на ЗАМП и е еден од оние на посочената листа. После направената истрага, Програмскиот совет дошол до заклучок дека господинот остварил три пати поголем авториски хонорар од најафирмираните автори во Македонија чии хонорари се движат околу 8.000 евра или третираниот господин остварил околу 24.000 евра (Доказ – веб страницата Програмски совет на МРТ – седница 164). Ова е класичен пример кога некој ја има потребната документација на увид и намерата да го реши проблемот, го открива проблемот и ќе го реши. Да го кажам и тоа, иако овде директно се работи за наши пари, авторски, ЗАМП на барање на програмскиот совет одбил два пати да соработува. Соработката се остварила дури од трети пат. Не можам, а да не ја спомнам една моја претпоставка: Ако третираниот господин уредник и не е толку доминантен на таа листа, се прашувам кои суми стојат зад оние другите кои ги има на таа листа со далеку повеќе песни ? Наскоро после оваа објава ќе зборувам за уште две причини заради кои поднесов оставка. Почитувани автори, времето и животот покажаа дека ако се однесуваме незаинтересирано, лежерно, ако заедно енергично не застанеме во одбрана на заедничките интереси, тие интереси никој не ни ги брани. Ве повикувам да ја искористите оваа прилика што помасовно да присуствувате на состанокот на автори и да изберете членови на управните органи, луѓе неоптоварени со лични интереси, луѓе кои ќе бидат достоинствени во своите желби и намери да работат во склад со Статутот на ЗАМП и деловниците на управните органи. Писмово ОСТАВКА доставете го до вашите колеги, автори, соработници и познаници. Да направиме ЗАМП да биде здружение во кое ќе има се врати довербата на 90 % од авторите. Состанокот ќе се одржи на 19.03.2022 година.За подетални информации пишете на zampreformi@gmail.com со поздрав, Ефто Пупиноски
