Кога уметноста и патриотизмот ќе се спојат – настанува магија! Така може да се опише најновиот и, според многумина, најпопуларен музички тандем за 2025 година: фолк пејачката Василија Петрова и виолинистката Сања. Иако велат дека не се знаеле добро претходно, публиката ги спои – судбински, на истите настапи и сцени, а денес – речиси неразделни и на бината и во приватниот живот.
Како што самите изјавија во подкастот на ИН ТВ, првпат се сретнале на заеднички свирки, каде веднаш ја почувствувале хемијата – не само музичка, туку и човечка. Од таа искра се роди идејата за заеднички настапи кои станаа вистински хит. Денес, речиси и да нема фолк забава или настан каде не се појавуваат заедно – со македонска песна, емоција и енергија која подигнува публика на нозе.
Василија е позната како единствена фолк пејачка од Пиринска Македонија која гласно го брани македонскиот идентитет и јазик, додека Санја плени со својата виолина, уникатна кореографија и настапи со македонски знамиња, изведувајќи исклучиво македонска музика.
Оваа есен, токму тие две, заедно со Благојче Стојановски – Туше, заминуваат на голема австралиска турнеја под брендот на музичкото шоу Имат Немат. Турнејата опфаќа концерти во повеќе градови, а интересот е огромен – љубителите на македонската музика во дијаспората веќе со нетрпение ги очекуваат.
Василија и Санја докажуваат дека кога уметноста е искрена, а дружбата вистинска – тогаш сè е можно. Овој тандем е доказ дека македонската песна има иднина – гласна, горда и обединета.

