Се сеќавате ли на професионалниот возач кој се прослави како пејач?
Андруш Ангелковски преку ноќ стана познат откако видеото на кое маестрално ја интерпретира нумерата „Оди ѕвездо” од Наум Петрески стана вирално.
Македонскиот гастарбајтер, кој подоцна се врати во татковината, во 2015 година сними и дует со Наум.
„Јас и Наум сме големи пријатели и го чувствувам како брат. Навистина сме блиски и на секое мое враќање дома го посетувам“, откри тогаш камионџијата кој редовно потенцираше дека повеќе милува кога го нарекуваат доктор.
„Јас не сум камионџија. Јас сум доктор затоа што знам да ги расположам и насмеам луѓето. Тоа е исто како да сум завршил медицински факултет“, се пошегува Ангелковски во едно интервју.
Речиси една деценија подоцна неговото име повторно е актуелно, откако повеќе познати личности, меѓу кои и пејачката Елена Ристеска, го споделија апелот на извесна Бети Котовчевска која бара помош за него.
„Почитувани Преспани, нашиот сограѓанин Андруш Ангелковски моментално е на интензивна нега и се опоравува од инцидентот со мотор. Во овој момент би ве замолила кој е во можност материјално да донира за овој ангел, а тие што не се, барем помолете се и споделете. Неговата здравствена состојба ќе го спречи да работи долг период од сега.. Покажете ја хуманоста сега сме му најпотребни. Благодарам од срце“, напиша таа во фејсбук-групата „Мојата Преспа! Мојот Ресен! Мојата судбина!“.