
Во склоп на Културното забавно лето во Општина Новаци се одржа Фестивалот за Избор на “Летен Фолк хит на Македонија”. За најдобар машки вокал, публиката го одбра познатиот фолк пејач Марјан Коцев, Стојне Николова беше избрана за најдобра фолк пејачка, а во категоријата најдобра фолк група, најголем број гласови освои Оркестар Маестрал од Битола.
Во прекрасна атмосфера, пред многубројната публика во општина Новаци се одржа фестивалот за Избор на летен фолк хит на Македонија. На фестивалот настапија реномирани имиња од домашната фолк сцена. Веселата публика и убавото расположение на изведувачите беа доволен показател дека овој фестивал ќе помине повеќе од добро.
Настапија повеќе од 16 пејачи и групи меѓу кои : Марјан Коцев, Благојче Стојановски-Туше, Стојне Николова и Бобан Мојсовски, група Тик-Так, Ташко Каранфиловски, Мартина Стојчевска, Ирена Спасовска, Профа бенд од Кичево, Марјан Васкоски и др.
Фестивалот беше од натпреварувачки карактер, а публиката го имаше последниот збор и одлучи кои песни и изведувачи беа најдобри.
За најдобра фолк пејачка беше избрана џебната Венера, прекрасната Стојне Николова која настапи со песната “Око мое”. Во категоријата најдобар фолк пејач, најголемиот број од гласовите на присутната публика ги освои познатиот фолк пејач Марјан Коцев кој настапи со неговиот најголем хит “Ти само ти”, а за најдобра група беа прогласени Оркестар Маестрал.
Медиумски покровител на фестивалот и годинава беше сателитската ИН Телевизија, а организатори беа : Здружението за мода “Пикси студио” и Општина Новаци.