
Од таксист до шанкерка…Што работеле поголемиот дел од македонските пејачи пред да станат познати?!
Пејачот Ѓоко Танески во младоста сменил повеќе професии. Пред дваесетина години работел како шанкер, келнер и таксист. Во една прилика призна дека добро се снашол на овие фронтови и дека и денеска не би се срамел повторно да го работи истото.
Неколку професии пред да се реализира во музичкиот бизнис сменила и Анета Наковска.
– Прва работа ми беше во агенција за недвижности, за подоцна да работам во фирмата на моите родители. Се пробав и во книговодството, а работев и на шанк во кафеана која беше сопственост на моите родители. Бев вработена и во еден мобилен оператор, прво во правна служба, па во продажен салон, а најдолго се задржав во инфо-центарот. Јас сум за тоа дека човекот треба секогаш чесно да работи. Како што велат возрасните, бадијала работи, бадијала не седи. Тоа е и моето животно мото. – раскажа фолкерката во едно интервју.
Андреј и Панчо од популарното дуо „ДНК“ денес имаат хитовски рефрени и полнат сали, но популарноста воопшто не ги промени. Често евоцираат спомени за почетоците на нивните кариери и за предизвиците со кои се соочувале пред да станат познати.
– Во 2005 година една сезона работев како келнер на позната плажа на Халкидики во Грција. – откри Андреј во една прилика.
Панчо, пак, за џепарлак заработувал уште во тинејџерските години. Прво бил менаџер на јуниор-забави, а работел и како келнер и шанкер.
– Сум бил и хотелски рецепционер и тоа ми беше можеби една од најтешките работи затоа што се чувствував како птица затворена во кафез. Но, за егзистенција мора сè да се трпи. – откри популарниот музичар пред неколку години.
За српското издание на магазинот „Хелоу“ Тијана Дапчевиќ раскажа дека првиот работен ангажман го имала на 16 години.
– Снимив реклама за еден популарен пијалок и добив солиден хонорар. Веднаш отидов во шопинг, си купив капут и чизми и бев најмодерна во училиште. – во препознатлив стил објасни Дапчевиќ.
И познатиот фолк пејач Спасен Силјаноски, пред да започне музичка кариера имал друга професија. Работел како воено лице во Армијата на Република Македонија.